Бизнис денови низ Македонија 2010 - Гевгелија - 03.06.2010

Бизнис денови низ Македонија 2010 - Гевгелија - 03.06.2010

Во име на продлабочување на веќе добрата соработка со Р. Словенија, како и со цел за промоција на словенечкото и македонското стопанство, Словенечко-македонскиот бизнис клуб од Скопје, го продолжи своето roadshow и оваа година низ градовите во нашата држава.

Овој пат, тие застанаа во сончевата Гевгелија и одржаа свој Бизнис ден на кој се претставија пред граѓаните и стопанствениците од таа општина и регионот, со своите производи, услуги и тендеции за проширување на своите бизниси и партнерства.

Во центарот на Гевгелија, на 3 јуни, Бизнис клубот имаше саемски ден, каде своја промоција имаа компаниите-членови како и неколку компании од самата општина. Граѓаните имаа можност поблиску да се запознаат со директните производители или застапници на познати брендови:

Фруктал Мак, Алекспром (со Палома и Типитоп), Горење, Винар винарија, Подгорка Струга (со Перутнина Птуј, Цељске местнине и Млекарна Цеље),Тримо Македонија, Скопски саем-Ера Групација, Весна САП Пробиштип, Боград Струга, Илирика фунд менаџмент, Софтнет ЕУ, ОNE Телеком Словенија, Пристоп МК и Сава Hotels & Resorts, како и со гевгелиските компании Хина, Ригоимпекс, Конти Хидропласт, Паскалин, Унион инг и Туристичко информативниот центар од Гевгелија.

Изложувачите беа посетени и од Градоначалникот на општина Гевгелија, г-от Иван Франгов, како и од економскиот советник во Амбасадата на Р. Словенија во Р. Македонија, г-от Јернеј Товшак.

Во вечерните часови, промоцијата продолжи во хотел Нар, пред околу 100 присутни гости-стопанственици, каде се претставија и Клубот и Општината.

Присутните имаа можност да видат и да се запознаат поблиску со општината, нивните проекти и стратегии и преку видео презентација.

Промоцијата пак на Бизнис клубот, неговите цели , активности и полиња на делување , и овој пат ја направи Извршниот директор, Искра Јовановиќ. Таа изрази задоволство за големиот одзив на гостите , како и тоа дека тие како прв ваков Клуб во земјата што на овој начин се претставуваат пред бизнис заедницата, веќе се препознатливи во нивната работа и добиваат понуди и од други општини низ земјата за да одржат и таму свој Бизнис ден.

Клубот брои веќе 117 члена. После овој настан во Гевгелија, очекуваат бројот на членови да се зголеми, а најави дека ќе продолжат и во иднина со ваквиот начин на промоција на словенечкото и македонското стопанство и во други градови низ државата.

Настанот беше поддржан од двата словенечки партнера на Клубот: ЈАПТИ-Јавната агенција на Р. Словенија за претприемништво и странски инвестиции и Министерството за стопанство на Р. Словенија.

 Поздравни говори на промоцијата.