Словенечко-македонски Бизнис ден во Битола - 17.09.2009

Словенечко-македонски Бизнис ден во Битола - 17.09.2009

По повод промоција на Клубот и претставување на неговите членови, на 17 септември Словенечко-македонскиот бизнис клуб, во соработка со Амбасадата на Р. Словенија во Р. Македонија, Општина Битола и Регионалната канцеларија на Стопанската комора на Македонија, одржа свој Бизнис ден во Битола.

Целта на овој настан беше промовирање на словенечкото и македонското стопанство пред граѓаните на Битола, како и промовирање на активностите и платформата на делување на Клубот пред битолските стопанственици.

Бизнис денот започна пред платото на Народниот театар, каде на изложбени штандови со своите производи и услуги, се претставија 17 фирми-членки на Клубот и тоа: Он нет-Телеком Словенија Групација, Космофон-Телеком Словенија Групација, Скопски саем-Ера Групација, Сава Табак осигурување, Сава Инвестиции, Универзитетот од Љубљана, Крка Фарма Скопје, Подгорка Струга, ВИП Урбан Инженеринг, Горење Скопје, АД Вардар осигурување - Групација Триглав, Фруктал Мак, Тримо Македонија, Брокерска кука Нови Триглав, НЛБ Нов пензиски фонд, Илирика Фонд Менаџмент и КБ Прво пензиско друштво.

Посетителите имаа можност да пробаат вкусни прехранбени производи, вино, сокови и свежо подготвено кафе, како и да се запознаат со најновите понуди од областа на телефонијата, инвестициските и пензиските фондови, осигурителните компании, градежната и фармацевтската индустрија.

Промоцијата продолжи вечерта во хотел Епинал, каде пред повеке од 150 присутни гости, меѓу кои беа и Заменик министер за транспорт и врски, Горан Михајловски, Почесниот конзул на Р. Словенија, Михаило Мојсов, Почесните конзули на Бугарија, Турција, Романија и Хрватска, пратеници во Парламентот на Р. Македонија, градоначалникот на Општина Демир Хисар, Тони Ангелевски и претставници на Клубот Ротари, со поздравен говор пред присутните се обрати Претседателот на Клубот, Дамир Кудер. По него гостите ги поздравија и Амбасадорот на Р. Словенија, НЕ Алан Брајан Бергант, Министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, Претседателот на регионалната Стопанска комора Благој Стојчев и во име на градоначалникот на Општината Битола, се обрати директорот на Индустриската зона Жабени, Трајан Котески.

"Словенечките компании со своите инвестиции се присутни во сите сектори во Македонија и имаат добро искуство што може да се види и преку тоа што истите и во глобалната криза продолжуваат со своите инвестиции. Таквите податоци се многу охрабрувачки и за двете држави бидејки интересот на нашите компании е да му се помогне на локалното стопанство да ги развие колку што е можно подобро своите потенцијали со цел заеднички настап на пазарот на трети држави, што би значело зголемуваље на македонскиот извоз. Драго ми е што секоја година размената на стока помеѓу нашите две држави е се поурамнотежена", рече Амбасадорот Бергант.

Министерот Ивановски зборуваше за ставот на Владата каде еден од приоритетите се странските инвестиции. Во сето тоа од големо значење се олеснувањата што се нудат при влез на капитал во земјава, како и начините за поедноставување на постапката за отворање на фирма.

Господинот Котески во своето обраќање спомна дека Битола како општина има многу да понуди и дека соработката со Словенија за нив е со подолга традиција. Тој изрази надеж дека таа соработка може да биде уште поголема и поинтензивна и дека ваквиот начин на поврзување на стопантвениците од двете држави би било од големо значење.

Претседателот пак на Регионалната Стопанска комора, господинот Стојчев посочи дека до сега словенечките инвестиции некако тешко стигаат до Битола. Во градот единствена словенечка инвестиција е фабриката „Метеорит" за производство на челични конструкции. И покрај тоа, тој изрази верба дека обновувањето на старите пријателства со Словенија ќе допринесат да се промени оваа состојба.

Промоцијата на клубот, неговите цели , активности и полиња на делување, ја направи Извршниот директор, Искра Јовановиќ. Таа изрази задоволство за големиот одзив на гостите, како и тоа дека СМБК е прв ваков Клуб во земјата што на овој начин се претставуваат пред бизнис заедницата. Клубот постои од 2004 година и веќе брои преку 90 члена, а после овој настан во Битола, очекуваат тој број да се зголеми.

Настанот беше поддржан од двата партнера на Клубот: ЈАПТИ - Јавната агенција на Р. Словенија за претприемништво и странски инвестиции и Министерството за стопанство на Р. Словенија.

Фотографии од настанот: